Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Ми претставува особена чест и задоволство да присуствувам повторно во Терхова. Би сакал да искажам искрена благодарност на љубезните домаќини за упатената покана за учество на јубилејните 30-ти по ред денови посветени на сесловенските светители и просветители, браќата Кирил и Методиј. Јубилеј кој се совпаѓа со одбележување на 1150 години од упокојувањето на Свети Кирил.

За делото на светите браќа се истражувало, пишувало и анализирало многу во изминативе 12 века. Тоа е особено присутно кај речиси сите словенски народи.

Но, за правилно да ја согледаме нивната улога денес, треба да бидеме свесни за времето и контекстот во кој тие живееле и дејствувале.

Денес, ние живееме во свет кој е преокупиран со големи геополитички поместувања, ривалства и нетрпеливост меѓу големите сили. Нешто слично било и пред 12 века во Европа. Во центарот на таа тогашна геополитичка игра меѓу Константинопол и Рим, односно меѓу Византиското царство и германските држави, се нашле Словените. Словените во тоа време веќе имале формирано своја пространа држава во срцето на Европа – Велика Моравија. Од нивната одлука, на која страна ќе се приклонат, зависел балансот на силите на континентот.

За да ги придобие, Византија, на барање на Ростислав, кнезот на Велика Моравија, ги упатила своите врвни дипломати со богато преговарачко и административно искуство. И тогаш, како и денес, исклучително важно било тие да го познаваат јазикот на земјата во која се упатени. Во случајот со Велика Моравија, тоа бил словенскиот јазик. Во царството немало поквалификувани кандидати од Константин Филозоф и неговиот брат Методиј. И двајцата биле родум од Солун, а, според зборовите на Византискиот император Михаил III „сите солуњани чисто словенски зборуваат.“

Врз основа на говорот на Сагудатите, Другувитите, Велегезитите и Ринхините, Константин Филозоф и Методиј, во Македонија уште во 855-та составиле нова азбука – глаголица. Со помош на глаголицата тие не ја превеле, туку ја препеале Библијата на старословенски. А, препевот е секогаш многу потежок од преводот. Тоа зборува и за богатството на јазикот, но и за нивната генијалност.

Историчарите се согласни дека мотивите на Византија биле световни. Византија имала за цел преку просветувањето и проширувањето на христијанството, да ја прошири сферата на своето влијание во Европа.

Цариград очекувал Велика Моравија да стане дел од она што Оболенски го нарекува Византиски Комонвелт. Но, по сѐ изгледа дека не го зеле предвид законот на непланирани последици. Нештата тргнале по некој свој, непредвидлив тек.

Светите Кирил и Методиј успеале старословенскиот јазик да го трансформираат во првиот пишан јазик на словенските земји. А потоа, со тој пишан јазик успеале да го растераат духовниот мрак и маглата на незнаењето. Наместо само да ги внесат во сферата на интерес на Византија, тие успеале да го ослободат огромниот духовен, интелектуален, културен и креативен потенцијал на словенските народи.

Дејноста на светите Кирил и Методиј ги надминала и најсмелите стратегиски цели на Византија. И тоа поради три причини.

Прво, мотивите на светите браќа биле многу повозвишени и почисти од мотивите на самата Византиска држава.

Второ, инструкциите според кои се раководеле барале многу поголема пожртвуваност отколку царските насоки. Доволно е да се сетиме дека тријазичниците ги обвинувале за ерес. Дека Методиј бил затворан, дека нивните ученици биле прогонувани и со трња камшикувани. Но, тие биле подготвени да истраат и тоа не поради страв од санкции, ниту од желба за привилегии.

Трето, конечната цел на нивниот повик била потрајна и од најтрајните цели и интереси на која било држава, вклучително и на илјадагодишната византиска империја.

За Кирил и Методиј Моравската мисија била многу повеќе од дипломатска мисија што има за цел да го прошири византиското влијание во Европа. За нив Моравската мисија била исполнување на последната Христова заповед до неговите апостоли. А тоа е да одат во светот и да направат ученици од сите народи. Целта на таа мисија е да им овозможат на словенските народи да го запознаат Бога на најавтентичен можен начин – а тоа е преку мајчиниот јазик.

Доволно е да чуеме што за нив велат учениците. Св. Климент Охридски за нив вели дека се јавиле како „… светлина на помрачените, учители на младите… изобилна храна за гладните, непресушен извор за жедните, дарители на изобилна облека за необлечените, помошници на сираците, гостопримливи кон странците, посетители на болните, утешители на ожалостените, заштитници на гонетите, помошници на вдовиците и сираците, дарители на светлина за слепите, голема котва за оние што се бранувани по животното море, бедем и покров на оние што приоѓаат кон нив…“ Климент дури се осмелил да каже дека неговите учители се јавиле да го довршат она што не го завршиле апостолите Петар и Павле.

Имајќи го сево ова предвид можеме да ја разбереме нивната уникатна улога на рамноапостоли. И затоа, еден од големите синови на Словенството, Карол Војтила, Папата Јован Павле II во 1980 година, во своето апостолско послание EGRIGAE VIRTULIS ги прогласи светите Кирил и Методиј за копокровители и патрони на Европа.

Драги пријатели,

Битката на светите Кирил и Методиј беше да им се овозможи на словенските народи сами да го спознаваат Божјото слово, сами да ја создаваат и пренесуваат својата култура, традиција, сами да ја пишуваат својата историја. Правото на сопствен јазик, на образование, на самоидентификација и денес се основни универзални и европски човечки вредности.

Јас денес го говорам македонскиот јазик, исто како што нашите словачки пријатели го говорат словачкиот јазик благодарение на светите Кирил и Методиј. Тие се вградени во секој збор што ќе го изговориме, и секоја буква што ќе ја напишеме.

Духовното стебло на светите Кирил и Методиј израсна и се разграни на целиот континент. Тоа е богатството на Европа кое денес го именуваме како единство во различноста. Без тоа словенско стебло денес ќе имавме една интелектуално и духовно посиромашна Европа. Затоа, должност на нашата генерација е да го негуваме и афирмираме тоа наследство, благодарение на кое ние денес имаме наш светоглед, наша посебност и идентитет.

Почитувани,

Но, што би рекле светите браќа Кирил и Методиј за нашата генерација, за нашите општества, за нашиот свет?

Во која мера успеавме да го зачуваме нивното богато јазично, просветно, духовно и морално наследство?

И, најважно од сè, дали успеваме нивното наследство да им го пренесеме на младите, како што тие им го пренесувале на своите ученици и следбеници?

Верувам дека св. Кирил и Методиј би се зачудиле што во изминатиов век и половина се водеа жестоки академски и политички борби за нивно присвојување и врамување во концептите од 19 и 20 век. Би се зачудиле бидејќи тие живееле во свет и век без национални држави и без национални идеологии и идентитети, во свет на империи.

Св. Кирил и Методиј веројатно би нè упатиле да го прочитаме посланието до Галатјаните во кое апостолот Павле категорично тврди дека верата во Бога ги надминува идентитетските разлики. И дека независно од нашата етничка, јазична, културна, политичка, социјална или родова припадност, сите ние сме повикани да го запазиме златното правило: да постапуваме со другите онака како што сакаме и другите да постапуваат со нас. Особено во време на неволји и потреби, какви што сега имаме насекаде низ нашиот свет.

Кои би биле пораките на Св. Кирил и Методиј за денес и за утре?

Веројатно не би се изненадиле од она што се случува на просторите на нивните претходни мисии кај Сарацените, односно Блискиот Исток, кај Хазарите, односно северниот Кавказ.

Би биле разочарани што народите на тие простори не останале верни на изворната Христова порака што тие им ја пренесувале. Сигурно би биле разочарани од духовниот идентитет на луѓето што извира од верата во Исус Христос. Тие многу добро знаеја дека и само духовно променети луѓе можат да го променат духот на своето општество.

Би биле тажни што живееме во време кога некои велат дека Црквата е анахрона институција која не соодветствува со духот на времето во кое живееме. Време на секуларизација, глобализација, дигитална трансформација, флуидност на идентитетите.

Не би се согласиле со фактот што сè повеќе секуларни држави во Европа и во светот стануваат секуларизирани држави кои се обидуваат да ја истиснат верата од јавниот простор и да ја ограничат на најмалиот можен простор. А тоа е просторот меѓу нашите две уши, држејќи ги притоа нашите усти затворени.

Би биле изненадени што фундаменталните човекови права и слободи и вроденото човечко достоинство сè повеќе се девалвираат.

Веројатно не би можеле себе да си објаснат зошто бракот како заедница на еден биолошки маж и една биолошка жена и семејството како заедница на родителите и нивните деца се дезинтегрираат.

За нив би било лесно да сфатат дека како човештво се наоѓаме во длабока морална криза кога исчезнува граничната линија меѓу вистината и лагата, меѓу исправното и погрешното, меѓу убавото и грдото.

Никако не би се согласиле со она што новиот релативизам го очекува од нас – да го прифатиме како апсолутна вистина тврдењето дека нема апсолутна вистина. Затоа што без вистината нема ниту доверба ниту одговорност врз кои се темели секое слободно општество.

Во вакви услови ние, кои се сметаме за следбеници на светите браќа, сме исправени пред огромна задача. Да бидеме промотори на хуманоста, милоста, трпението, социјална правда, квалитетно здравство и воспитание и образование, кои се мерило на успешноста на една држава.

Сигурно би инсистирале како верници да бараме нашите цркви да бидат втемелувачи на добрите навики на срцето, да ја бранат светоста на бракот и уникатноста на семејството.

Светите Кирил и Методиј би барале во ерата на пост-вистина, Црквата да биде столб и тврдина на евангелската вистина.

Во време на морален релативизам, би инсистирале Црквата бескомпромисно да опстојува на моралните и етичките апсолути.

Во период кога се обезвреднува човекот, би барале Црквата да се стави во заштита на непроценливата вредност и неотуѓивото достоинство на секој човек.

Пораката на светите Кирил и Методиј би била дека сите кризи со кои се соочуваме произлегуваат од длабоката морална криза во која се наоѓа целото човештво, вклучително и нашите општества. Општества во кои го прегрнавме напредокот, но притоа некритички ја отфрливме традицијата.

Се обидовме да ја градиме и да ја развиваме нашата современа цивилизација, сведувајќи ја етиката на ниво на личен избор. Слободите и правата ги одвоивме од должностите и одговорностите. Светите Кирил и Методиј ги фалиме, без да ги послушаме. Се повикуваме на нив, без да видиме на што нè повикуваат тие нас. Последиците од ова скршнување ги чувствуваме сите ние, а особено нашите млади генерации.

За да ги исполниме големите задачи кои ни престојат, треба да се напојуваме од богатата традиција на светите браќа и нивните ученици и следбеници, онака како што впрочем се однесувале сите маченици, светители и просветители кои не се плашеле да застанат наспроти доминантните деструктивни струи на своето време. Да се инспирираме од големите архијереи, од посветените монаси, од пожртвуваните маченици, од црковните отци, од светите апостоли, и пред сè и над сè, од вистинската лоза ‒ Исус Христос.

Ви благодарам.