Поранешниот Претседател на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, учествуваше на 4-тата Меѓународна конферецнија за идно образование и Генералното собрание на Светската академија за уметност и наукa во Белград, Република Србија, во периодот од 11-14 ноември 2019 година. Конференцијата се одржа во Српската академија за науки и уметности, а беше во организација на Светската академија за уметност и наука, чиј член од 2013 година е и поранешниот Претседател Иванов.

На свеченото отворање на конференцијата присуствуваа високи гости, а главен говорник беше Премиерката на Република Србија, Ана Брнабиќ, покрај Претседателот на Светската академија за уметност и наука, Министерот за образование, наука и технолошки развој на Р. Србија, Претседателот на Српската академија за науки и уметности и др.

На конференцијата учествуваа многу истакнати професори од реномирани универзитети од повеќе земји со свои излагања на различни теми поврзани со идното образование и моделите и начините како тоа да се направи поуспешно, поефикасно, одржливо, а во контекст на искористување на новите дигитални технологии и неконвенционални методи на образование.

За време на посетата на Белград, претседателот Иванов имаше можност да оствари средба со поранешниот Претседател на Република Србија, Томислав Николиќ, кадe во пријателски разговор на двајцата сега поранешни претседатели, имаа можност да се потсетат на успешната билатерална соработка помеѓу Република Македонија и Република Србија за време на нивните мандати како и да разменат мислења околу актуелните случувања во регионот и светот.