Поранешниот Претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, им додели благодарници на средношколците кои учествуваа на првата од обуките во рамки на Средношколската Лидерска Академија организирана од ИСЛАА. Претседателот Иванов им додели благодарници и на предавачите на академијата кои ги одржаа предавања за младите учесници.
Претседателот Иванов истакна дека оваа прва средношколска академија има можност да расте и да се развива по принципот на Школата за млади лидери организирана под негово покровителство. Тој им порача на учесниците да бидат храбри и истрајни во своите уверувања, да се борат за своите вредности и да бидат двигатели на промени во средината во која живеат. „Мојата идеја за Школата беше успешните да ги направиме уште поуспешни. Верувам дека и вие како млади средношколски лидери ќе бидете пример и мотивација за вашите врсници преку вештините кои ги стекнавте на оваа Академија”, рече Иванов пред присутните, истовремено заблагодарувајќи им се на сите предавачи на Академијата за нивното време и можност да им пренесат знаење, искуство и вештини на учесниците.

,,Благородната иницијатива започната пред десет години од страна на Претседателот Иванов за создавање Млади за иднината, сметам дека ние, како учесници на таа школа, имаме должност да ја продолжиме и да ја пренесеме и на помладите од нас. Како што тој веруваше и инвестираше во нас, така и ние да преземеме напор во креација на лидерски подмладок кој во иднина ќе се потруди да стане дел од ИСЛАА“, рече Катерина Климовска, Претседател на Иванов Школа за Лидери – Алумни Асоцијацијата.

Претходно, Иванов Школа за Лидери – Алумни Асоцијацијата и Кабинетот на поранешниот Претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, потпишаа Меморандум за соработка со којшто се воспоставија основи за меѓусебна поддршка во реализација на проектни активности кои се во насока на одржување на континуитетот во едукација на млади.