Поради глобалната пандемија на Ковид-19 и 24. Евроазиски економски Самит на Фондацијата Мармара од Истанбул, Република Турција, се организираше на онлајн платформа со видео стриминг.
Претседателот на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, за време на своите мандати, редовно учествуваше на сите Евроазиски економски самити во Истанбул, а со задоволство го потврди учеството и оваа година. Обраќањето на Претседателот Иванов беше во сесијата во која учествуваа многу поранешни претседатели и премиери насловена „Современи разумни луѓе“ на темата „Глобално затоплување и климатски промени“. Покрај Претседателот Иванов, во оваа сесија, свое излагање имаше и Претседателот на фондацијата Мармара, д-р Акан Сувер, како домаќин и модератор на сесијата, а меѓу гостите говорници беа поранешните претседатели на Турција – Ѓул, Албанија – Нишани, Босна и Херцеговина – Иваниќ, Бугарија – Стојанов, Хрватска – Месиќ и Јосиповиќ, Црна Гора – Вујановиќ, Чешка – Клаус, Романија – Контантинеску, Молдова – Лукинши и др.
Поранешниот претседател Иванов во првиот дел на своето обраќање зборуваше за развивањето на концептот глобално затоплување и климатски промени и за меѓународниот одговор на овој проблем, односно одговорот преку климатските самити и конференции организирани преку системот на ОН и донесувањето на бројни договори, протоколи и спогодби од кои произлегуваа и обврски за државите потписнички. Претседателот Иванов истакна дека голем дел од таквите договори не беа успешни, бидејќи имаа декларативен карактер, но и поради тоа што некои од највисоко развиените индустриски држави не ги ратификуваа истите. Понатаму, тој потсети дека „Светската метеоролошка организација наведува дека нашата планета сега е за еден степен целзиусов потопла од периодот пред ширењето на индустријализацијата. Доколку досегашниот тренд продолжи, температурата до 2100 година ќе порасне за 3 до 5 степени. Затоа, доколку не се спроведува Спогодбата од Париз светот ќе доживее катастрофални промени, нивото на морето ќе порасне, температурата на водата во океаните ќе се зголеми, ќе страдаат насадите за храна, пред се оризот, пченката, пченицата. Земјите потписнички на спогодбата од Париз ветија дека ќе го ограничат растот на температурата до 1,5 степени. Научниците пак тврдат дека ќе биде неопходно задржување на растот под 1,5 степени.“ Воедно, се осврна и на фактот дека освен обврските за владите, за да ја сочуваме планетата, постојат обврски за сите поединци и нивна одговорност за овој глобален проблем.
Во вториот, академски дел од своето обраќање, претседателот Иванов зборуваше за „климатските промени кои се користат како изговор за една голема прераспределба на економските и природните ресурси во светот. Нешто за кое многу малку се зборува и истражува. Климатските самити и конференции на ОН всушност се најголемите економски самити кои се случуваат на крајот на 20 и почетокот на 21 век. На овие самити се врши една прикриена и перфидна експропријација на енергетските природни богатства како што се нафтата, природниот гас и јагленот од државите кои ги имаат во корист на државите кои ги немаат овие енергенси.“ Односно дека „станува збор за еден вид на нова економска политика на прелевање на заработката од природните богатства која се остварува на два начини. Првиот е преку воведувањето на различни даноци на емитувањето на СО2 а вториот преку создавање на големи пазари на хартии од вредност кои се дозволите за емитување на СО2. Со собраните пари од даноците за емитување на СО2 ќе се поттикнува промената на животните навики на населението да ја намали емисијата на СО2 или пак за развој на технолошки процеси кои немаат емисија на СО2.“
На крајот, Претседателот Иванов заврши со следните зборови: „Пораката од богатите и развиени земји во однос на ова нова климатска политика е јасна: Ние богатите во изминатите 150 години, користејќи евтини фосилни енергенси со нашите три индустриски револуции, доволно ја загадивме атмосферата и планетата, сега вие сиромашните не смеете тоа да го правите.“