Претседателот Иванов упати честитка до верниците кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар во Република Македонија во која се вели:

„Почитувани,

По повод големиот христијански празник Божиќ, Денот на Христовото Раѓање, ви упатувам искрени честитки и ви посакувам празничните денови да ги поминете со вашите најблиски во добро здравје, мир, хармонија, радост и среќа.

Божиќ е симбол на Божјата љубов, простување и милост од кои извира новата надеж за нов почеток.

Божиќ е време за мир, заедништво и добри и хумани дела. Време кога на нашите ближни им подаруваме љубов и добрина.

Време кога треба да бидеме милостиви заради милоста Божја која ни е укажана со Рождеството Христово – Божиќ, како еден од најсветлите и највозвишените денови во христијанството.

Мир Божји – Христос се роди!“

(Линк до објавата на ФБ страната)

Претседателот Иванов упати честитка и до Монс. д-р Киро Стојанов, Бискуп скопски и Епарх струмичко-скопски, и до целата католичка заедница во Република Македонија за големиот празник Рождество Христово-Божиќ и им посака празниците да ги поминат со нивните најблиски во добро здравје, хармонија, мир и благосостојба во нивните домови.