Поранешниот Претседател Иванов денес упати честитка до христијанските верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар:
„Почитувани,
Дозволете ми во мое лично име и во име на моето семејство да ви упатам искрени честитки по повод Христовото воскресение – Велигден.
Во овие денови кога го славиме победителот на смртта – Исус Христос, да се присетиме на силата на молитвата за здравје, мир и благосостојба на сите ближни, на сите знајни и незнајни, бидејќи веруваме во силата на молитвата, веруваме во чуда. А, чудо е и воскресението Христово.
Со овој чин Спасителот Исус Христос ни дари спасение, трпение, надеж, љубов и верба.
Ви посакувам многу здравје, меѓусебно почитување, разбирање, радост, љубов во срцето и верба во Бога.
За многу години празникот!
Христос воскресна!
Навистина воскресна!“
Во писмото честитка од Претседателот Иванов упатено до Бискупот скопски и Епарх струмичко-скопски, д-р Киро Стојанов, како и до целата католичка заедница во Република Македонија е наведено следново:
„Празнувањето на овој голем и светол Христијански празник нѐ учи на заедништво, хуманост, добра мисла, љубов и меѓусебна почит. На овој голем и светол ден ја славиме победата на животот над смртта. На овој голем и светол ден се молиме за мир, човечност и благосостојба. Христовата жртва за човештвото нека биде патоказ за добродетелство, меѓусебна почит, помагање и разбирање.
Како христијани наша света мисија е да ги почитуваме христијанските вредности, да се радуваме на животот, да даруваме љубов, да си помагаме и да веруваме во надежта.
Христовото воскресение нѐ учи да не заборавиме да го следиме патот на светлината и добрината и да не се штедиме да се даруваме себеси на другите, да веруваме во заедништвото, да веруваме во силата на молитвата, да веруваме во чуда. А, чудо е и воскресението Христово.“
Претседателот Иванов, исто така, присуствуваше и на мисата Велигденско бдение во Католичката катедрала „Пресвето Срце Исусово“.
Линк до објавата на ФБ страната