„Почитувани сограѓани,На денешен ден во 1893 година, шестмина македонски визионери под мотото „Смрт или слобода за Македонија” со храброст и решителност започнаа да ја шират идејата за ослободување, а потоа и за создавање на самостојна македонска држава. Овие идеали прераснаа во водилка на македонските граѓани, круна на револуционерното движење за споделување на една заедничка идеја за сплотеност, непоколебливост и завет за идните генерации.
Денес, ја славиме храброста и подвизите на македонските револуционери, Хаџи Николов, Поп Арсов, Груев, Татарчев, Димитров и Батанџиев, нашите херои, кои ја формираа Македонската револуционерна организација, која на народот му даде надеж дека со свои сопствени сили може да биде свој на своето.
Патот до слободата беше исполнет со предизвици, но нивната сплотеност и решителност за остварување на своите идеали им даде сила да истрајат пред тешкотиите. Пламенот што го разгореа револуционерите го презедоа илинденците, за да потоа, борците на Народноослободителната и антифашистичка борба и носителите на АСНОМ, го остварат стремежот за слободна македонска држава.
Без 23-ти октомври 1893 година, не ќе беа можни ниту трите светли Илиндени од 1903, 1944 и од 1991 година.
Во името на нашите херои од минатото, но и на нашите деца, кои се херои на иднината, почитувајќи ја историската реалност, со љубов, почит и искреност, да ја градиме иднината и напредокот на нашата една и единствена Република Македонија
Нека ни е вечен Денот на македонската револуционерна борба!
Да живее Република Македонија!
д-р Ѓорге Иванов“

