По повод 11-ти Октомври – Денот на народното востание на Република Македонија, претседателот Иванов упати честитка до граѓаните на Република Македонија:
„Почитувани,
На сите граѓани на Република Македонија им го честитам празникот 11 Октомври – Денот на народното востание, ден на македонската борба за слобода, значаен ден за македонската државност.
11-ти Октомври 1941-ва, денот кога македонскиот народ се дигна на востание за ослободување на Македонија од нацистичкиот и фашистичкиот окупатор.
Следуваа најтешките години исполнети со многу борби, жртви и искушенија. Иако соочени со многупати посилен и подобро вооружен непријател, борците на Народноослободителната борба не потклекнаа и заедно со слободољубивиот народот на Македонија храбро маршира кон слободата.
На 2 август 1944-та, на нашиот втор Илинден, тие се изборија за државотворниот АСНОМ. Нивното дело го продолжија основоположниците на независна Република Македонија.
На 8 Септември 1991-та го остваривме нашиот трет победоносен Илинден.
Но, без 11 Октомври 1941-та ние ќе го немавме ниту вториот ниту третиот Илинден. Благодарение на 11 Октомври, се изборивме и за слобода и за државност и за независност.
Затоа денес, на овој голем празник, уште еднаш да се потсетиме на заветот кој ни го оставија нашите предци, достојно и гордо да го чуваме, негуваме и почитуваме тоа што го имаме, а тоа е нашата Македонија!
Нека ни е вечен Денот на народното востание!
Нека ни е вечна слободата!
Да живее Република Македонија!“