Претседателот Иванов упати честитка до граѓаните на Република Македонија по повод државниот празник Ден на Св. Климент Охридски:
„Почитувани сограѓани,
Чествувањето на празникот Свети Климент Охридски, основачот на Охридската Книжевна школа и архитектот на кирилското писмо и старословенска култура е настан од огромно значење не само за Република Македонија, туку и за европската култура и цивилизација.
Св. Климент неуморно работел на образовно, морално, етичко и духовно издигнување на народот на Македонија. Не давајќи им сон на своите очи, тој кај луѓето ги всадил позитивните навики на срцето – солидарноста, трудољубивоста, гостопримливоста, трпението, милоста.
Токму визијата на свети Климент Охридски и на неговите учители светите браќа Кирил и Методиј, за зближување на сите народи и за градење на просперитетен, слободен и хуман свет е вградена во темелите врз кои денес опстојува човечката цивилизација.
Неговото дело и мисија се должни за почит, но и поука за сите идни генерации дека чувањето на културната и јазичната посебност е исконска должност.
Нека ни е честит празникот Свети Климент Охридски!“