Претседателот Иванов упати честитка по повод Денот на Св. Климент Охридски:
„Свети Климент е основоположник на Охридската книжевна школа, чии ученици станаа учители на словенскиот свет. Од тогаш, па сè до денес, неговото дело е вградено во секоја буква што ќе ја напишеме и во секој збор што ќе го изговориме. Просветлувајќи нè, тој ни даде голема творечка и духовна слобода и ни остави богато духовно и културно наследство кое ние како Македонци имаме завет да го чуваме, негуваме, применуваме и пренесеме на идните поколенија.
Сеќавајќи се на нашиот голем народен светител и учител, треба да останеме достојни на неговото наследство. А тоа ќе го постигнеме ако во сè што правиме се престигнуваме во добрина, како што тој нѐ учеше и просветлуваше.
Честит празник!“