Претседателот Иванов упати честитка до граѓаните на Република Македонија по повод Денот на Св. Климент Охридски:
„Почитувани сограѓани,
Празникот посветен на Свети Климент Охридски, основоположникот на првиот словенски универзитет, и подвижникот на словенската писменост и култура е настан кој ги надминува националните рамки и има огромно значење за европската култура и цивилизација.
Одбележувајќи го денот на Свети Климент Охридски го славиме писмото и пишаниот збор кои се од големо значење за македонскиот народ и за македонската држава, бидејќи со Климентовата просветителска мисија се продолжи делото на Светите браќа Кирил и Методиј.
Ликот и делото на Св. Климент Охридски се силно врежани во македонската историја.
Една од неговите пораки е скриена во неговото име – Климент односно Clementia, што значи милост. Милост што ни е укажана како луѓе и милост што треба да им ја укажеме на другите луѓе, на нашите ближни, роднини, соседи, на нашите пријатели.
Делото на Свети Климент Охридски е наша национална гордост, наше богатство, наша мудрост, наша водилка пред новите искушенија и предизвици, која ни дава духовна сила да бидеме трпеливи, милостиви и благородни.
Честит празник и за многу години!
д-р Ѓорге Иванов“