Претседателот Иванов со семејството упати честитка до сите христијани по повод најголемиот христијански празник Велигден:
„Христовото воскресение нека внесе светлина во вашите срца и ги исполни вашите домови со многу здравје, среќа, радости и убавини, благосостојба и духовен мир.
Христос воскресна!
Навистина воскресна!“
По повод најголемиот и најсветлиот христијански празник Велигден, Претседателот Иванов упати и писмо честитка до Поглаварот на МПЦ и Архиепископ Охридски и Македонски, Г. г. Стефан, честитајќи го празникот на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот Архиерејски синод и на целото свештенство и монаштво. Во писмото до Неговото Блаженство, Претседателот Иванов истакна дека во време кога светот се соочува со тешки предизвици, и многубројни кризи, потребна е заедничка посветеност и заложба во одбраната на христијанските вредности и принципи. Тој порача да се пренесува пораката за мир насекаде во светот, да се зборува за помирување и човечност, да им се помага на ранливите, да се биде милостив кон сите што страдаат, да се молиме за разум и мир.