Претседателот Иванов упати честитка до сограѓаните по повод државниот празник Денот на македонските и сесловенските светители и просветли браќата Кирил и Методиј:
„Почитувани сограѓани,
Ми претставува особено задоволство да ви го честитам Денот на македонските и сесловенските светители и просветители браќата Кирил и Методиј.
Одбележувајќи го овој голем ден, ние се поклонуваме пред ликот и делото на Светите браќа Кирил и Методиј кои создавајќи ја глаголицата успеале старословенскиот јазик да го трансформираат во првиот пишан јазик на словенските земји. А потоа, со тој пишан јазик успеале да го растераат духовниот мрак и маглата на незнаењето.
Св. Климент Охридски за нив вели дека се јавиле како “… светлина на помрачените, учители на младите, изобилна храна на гладните, непресушен извор на жедните, дарители на светлина на слепите..” Климент дури се осмелил да каже дека неговите учители се јавиле да го довршат она што не го завршиле Апостолите Петар и Павле.
Ние денес го говориме македонскиот јазик, благодарение на Светите Кирил и Методиј. Тие се вградени во секој наш збор што ќе го изговоримеи секоја буква што ќе ја напишеме.
Духовното стебло на Светите Кирил и Методиј израсна и се разграни на целиот континент. Тоа е богатство на Европа кое денес го именуваме како единство во различноста.
Затоа, нивниот светол пример и натаму нека ни биде поткрепа да истраеме во зачувувањето на нашиот национален, јазичен и културен идентитет.
Вечна им слава! За многу години големиот празник Свети Кирил и Методиј!
д-р Ѓорге Иванов“