Поранешниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов, учествуваше на меѓународниот настан „ООН 80“, кој се одржа во Унгарската академија на науките во Будимпешта, по повод 80-годишнината од основањето на Обединетите нации. Настанот беше организиран од Унгарската асоцијација за Обединетите нации, предводена од амбасадорката Каталин Богај и Academy for Cultural Diplomacy.
На конференцијата учествуваа и високи претставници на меѓународната заедница, меѓу кои и Заменикот Генерален Секретар на Обединетите нации, г-дин Моратионс, кој исто така се обрати пред присутните, нагласувајќи ја важноста на меѓународната соработка и реформата на глобалните институции.
Во своето обраќање, претседателот Иванов говореше на тема: „80 години подоцна: Дали светот го одржа своето ветување?“, каде што истакна: „Осум децении поминаа откако човештвото изјави ‘никогаш повеќе’. Но денес, мораме да се запрашаме – дали навистина живееме во свет без војни, неправда и страв, или грешките на историјата повторно нè демнат?“
Тој нагласи дека: „Војните не исчезнаа – само ја променија својата форма. Од Кореја до Виетнам, од Југославија до Украина, конфликти постојано продолжуваат. ‘Никогаш повеќе’ стана ‘секогаш повторно’, само со посложени и посистемски закани.“
Иванов повика на реформа на глобалните институции, вклучително и на Обединетите нации и Советот за безбедност, со цел тие да ја одразуваат реалноста на денешниот мултиполарен свет, додавајќи дека: „Светот бара нова глобална етика – универзална по дух, а плурална по израз.“
На крајот од своето обраќање, поранешниот претседател испрати порака на солидарност и одговорност кон идните генерации: „Ако не научиме од минатото, ќе го повториме. Одлуката е наша.“
Настанот се одржа во чест на 80 години од формирањето на Обединетите нации, со учество на државници, дипломати и претставници на академската заедница од различни земји.