Кабинетот на поранешниот претседател Иванов информира дека по 14-ти пат ќе се одржи традиционалната Школа за млади лидери на Претседателот Иванов во периодот 7-19 октомври 2023 година. Денес е објавен конкурсот за учество на Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија 2009-2019, која оваа година ќе биде на тема „Образование – Трансформација – Лидерство“.
Кабинетот на поранешниот претседател Иванов ги повикува сите заинтересирани кои ги исполнуваат условите да се пријават на конкурсот.
Кабинетот на поранешниот Претседател на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, заедно со „Иванов школа за лидери – Алумни асоцијација“ (ИСЛАА) и Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите, го објавува следниот
КОНКУРС
за учество на Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија 2009-2019,
7-19 октомври 2023 година
14. ШКОЛА ЗА МЛАДИ ЛИДЕРИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ
„Образование – Трансформација – Лидерство“
Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија 2009-2019, традиционално се одржува од 2010 година. Вкупно, во досегашните 13 обуки, учествуваа над 500 млади луѓе од целата земја, но и од странство, со различен академски и професионален фокус. Пред тринаесетте генерации учесници на Школата за млади лидери, предавања одржаа над 300 реномирани предавачи од Република Македонија, Европа и светот. Во 2018 година, Школата за млади лидери е прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.
Мисијата на школата е да ги стимулира позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја, но и да го развие нивниот капацитет за справување со глобалните предизвици, меѓународната конкуренција и културните и религиски различности.
Програмата е намената за млади луѓе со завршено високо образование до 35 години, дипломирани студенти и професионалци со работно искуство. Се очекува учесниците да имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат нивните лидерски вештини и да придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.
Школата опфаќа интерактивни предавања од реномирани предавачи и говорници од земјата и од странство, панел дискусии, работилници и тимска работа на проектна задача. Програмата е прилагодена да одговара на потребите на младите генерации и да обработува теми кои се од особен интерес за нив. Оваа година програмата на школата треба да одговори на прашањата како образованието и лидерството можат да бидат трансформатори и катализатори за позитивни промени и иновации. Со планираните активности во програмата сакаме да ги поттикнеме и охрабриме младите учесници да размислуваат аналитички и да дејствуваат како лидери. Да иницираат промени и да ги предводат, да стекнат самодоверба, да ги развиваат своите вештини, да ја поттикнуваат својата креативност, да одговараат подготвено и да иницираат решенија за предизвиците со кои се соочуваат и да вложуваат во својот професионален и личен напредок.
Оваа година, Школата за млади лидери ќе се организира во периодот 7-19 октомври 2023 година.
Во првиот дел, од 7-10 октомври 2023 година, предавањата ќе се одржуваат онлајн, со активности предвидени за време на викенд и за време на работните денови во тој период по 18:00 часот.
Вториот дел, од 11-19 октомври 2023 година, ќе биде со целодневна програма и ќе се одржи во хотел „Инекс Олгица“ во Охрид.
Обуката опфаќа предавања од предавачи од земјата и од странство, фокусирани на искуствата и знаењата кои би ги поттикнале учесниците да размислуваат аналитички и да креираат заеднички решенија за предизвиците со кои се соочуваат, со нивно интерактивно вклучување на предавањата.
Програмата се одвива на англиски јазик.
Бројот на учесници е ограничен, а право на учество имаат сите млади од Република Македонија и од странство кои ги исполнуваат следниве услови:
- Одлично познавање и активно користење на англиски јазик;
- Просек од високо образование, еднаков или поголем од 8,5 (или еквивалентно доколку се работи за диплома од странство) ќе се смета за предност;
- Магистратура или докторат и работно искуство ќе се сметаат за предност.
Потребни документи за aпликација (електронска копија):
- Биографија,
- Уверение за положени испити/Диплома, и
- Две препораки од вашата организација, компанија или факултет, и
- Есеј на општата тема на 14-тата Школа за млади лидери, „Образование – Трансформација – Лидерство“ (свое толкување и размислувања за темата, до 800 зборови, на англиски)
Критериумите за селекција на учесниците во Школата за млади лидери се засновани, пред сè, врз академските и професионалните достигнувања на апликантите.
Вашата апликација можете да ја поднесете најдоцна до 21. јуни 2023 година, на следните линкови:
По вашата апликација, постои можност да бидете повикани на интервју (онлајн за учесниците од странство).
Во случај на технички проблеми при аплицирањето и дополнителни прашања, можете да се обратите на следните е-пошти: contact@gjorgeivanov.mk, info@youngleaders.com.mk.
Ви благодариме за времето и вниманието.
Конкурс за учество на 13та Школа за млади лидери на Претседателот Иванов