Велес, 18.05.2023 година
Претседателот на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, синоќа присуствуваше на првата проекција на документарниот филм со елементи на документарна драма „Тајниот код на Константин – Проглас“. Документарниот филм е во продукција на Словачката радиотелевизија, а неговата прва промоција во Македонија се одржа синоќа во киното „Киноверзум“ во Велес.
Премиерната проекција на документарниот филм „Тајниот код на Константин – Проглас“ беше во организација на Повардарската епархија на МПЦ ОА и Општина Велес, а во соработка со Фондацијата „Проглас“ од Словачка, Словачката народна библиотека, Друштвото на писателите на Словачка, Центарот за култура на Општина Терхова во Словачка и Словачката радиотелевизија.
Претседателот Иванов имаше прилика да ја погледне премиерната проекцијата на документарниот филм заедно со Митрополитот Повардарски г. Агатангел и дел од свештенство на Повардарската епархија, Амбасадорот на Словачката Република, Градоначалникот на Општина Велес, Градоначалникот на Општина Терхова од Словачка со Директорот на Центарот за култура на Терхова. Пред почетокот на премиерата на филмот, се обратија Секретарот на Повардарската епархија на МПЦ ОА и г. Стојан Лекоски, книжевен преведувач и библиограф кој презентираше и краток омаж за документарниот филм.
Документарниот филм со елементи на документарна драма „Тајниот код на Константин – Проглас“ во продукција на Словачката национална радиотелевизија, е снимен во повеќе земји – Словачка, Чешка, Хрватска, Бугарија, Србија, како и во Македонија. Во филмот се прикажани и сцени кои се снимени во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Велес.