Претседателот Иванов денес оствари средба со Амбасадорката на Романија во Република Македонија, Нејзината Екселенција г-ѓа Адела Моника Аксинте.
Средбата помина во пријателска атмосфера, а соговорниците разговараа на повеќе актуелни теми за земјата и за регионот, како и за глобалните случувања и предизвици. Во срдечниот разговор, Претседателот Иванов и Амбасадорката Аксинте разговараа и за односите меѓу двете пријателски земји, како и за можностите и потенцијалот за натамошно интензивирање и продлабочување на соработката во областа на културата, образованието, односно во сите области од заемен интерес.
На средбата, Амбасадорката Аксинте му врачи на поранешниот Претседател Иванов негов портрет изработен од реномираниот романски карикатурист и претставник на современата визуелна уметност, Штефан Попа-Попас, кој е и светски рекордер според Гинис за најбрзо цртање карикатури.