Поранешниот претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, од 1-4 ноември 2023 година учествуваше на деветтиот симпозиум на високо ниво во организација на Кинеската академија на општествени науки од Пекинг, на тема „Соработка во нови околности: Статус-кво и аспирации”.
Во своето излагање Иванов се осврна на овогодинешниот јубилеј 30 години од воспоставување на дипломатските
односи и 30 години пријателство меѓу Република Македонија и Народна Република Кина.
„Од воспоставувањето на дипломатските односи Народна Република Кина има обезбедено за Македонија преку 325 милиони јуани помош за образование, медицинска нега, научни истражувања и други области. Трговскиот баланс е со константен трговски дефицит за Македонија. Во 2022 година остваривме извоз од 57 милиони долари, а увезовме стока во износ од 994 милиони долари. Кина е четврта земја по ред со која Македонија остварува најголем обем на размена со светот, а веројатно наскоро ќе биде и трета”, порача Иванов.
За време на симпозиумот поранешниот претседател Иванов оствари средби со претседателот на кинеската академија за општествени науки Гао Џианг, како и со дел дел од своите поранешни колеги Борут Пахор, поранешниот претседател на Словенија, Младен Иваниќ, поранешниот претседател на претседателството на Босна и Херцеговина и Иван Мркиќ, поранешниот министер за надворешни работи на Република Србија.