Претседателот на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, присуствува на традиционалната манифестација Денови на македонската култура во Белград ,,Допир на Македонија’’ по повод чествување на празникот Св. Кирил и Методиј, во организација на здружението Македониум.
Вчера, во рамките на 11-та манифестација Денови на македонската култура во Белград се одржа изложбата „Македонска азбука“ на Сергеј Андреевски, а претседателот Иванов беше поканет да одржи слово за светите браќа Кирил и Методиј и за нивната света мисија за описменување на словенските народи.
На почетокот, претседателот Иванов упати честитки по повод признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА од синодот на СПЦ на свечената заедничка литургија што се одржа во Соборниот храм во Скопје. Упатувајќи честитки до сите православни христијани во Република Македонија, истакна дека тоа е голем, убав, радосен и величествен ден, а симболиката е уште поголема што тоа се случува на Денот на Светите просветители Кирил и Методиј.
За Светите Кирил и Методиј, претседателот Иванов рече, дека моравската мисија била многу повеќе од дипломатска мисија што има за цел да го прошири византиското влијание во Европа. За нив Моравската мисија била исполнување на последната Христова заповед до неговите Апостоли. А, тоа е, да одат во светот и да направат ученици од сите народи. Целта на таа мисија е да им овозможат на словенските народи да го запознаат Бога на најавтентичен можен начин – а тоа е преку мајчиниот јазик. Битката на светите браќа Кирил и Методиј беше да им се овозможи на словенските народи сами да го спознаваат Божјото слово, сами да ја создаваат и пренесуваат својата култура, традиција, сами да ја пишуваат својата историја. Правото на сопствен јазик, на образование, на самоидентификација и денес се основни универзални и европски човечки вредности.
Претседателот Иванов истакна дека пораката на светите Кирил и Методиј денес би била дека сите кризи со кои се соочуваме произлегуваат од длабоката морална криза во која се наоѓа целото човештво, вклучително и нашите општества. Општества во кои го прегрнавмe напредокот, но притоа некритички ја отфрливме традицијата. Се обидовме да ја градиме и да ја развиваме нашата современа цивилизација, сведувајќи ја етиката на ниво на личен избор. Слободите и правата ги одвоивме од должностите и одговорностите. Светите Кирил и Методиј ги фалиме, без да ги послушаме. Се повикуваме на нив, без да видиме на што нè повикуваат тие нас. Последиците од ова скршнување ги чувствуваме сите ние, а особено нашите млади генерации.
„Јас денес го говорам македонскиот јазик“, рече претседателот Иванов, „исто како што нашите српски пријатели го говорат српскиот јазик, благодарение на светите Кирил и Методиј. Тие се вградени во секој збор што ќе го изговориме, и секоја буква што ќе ја напишеме.“ Затоа, претседателот Иванов потенцираше дека должност на нашата генерација е да го негуваме и афирмираме тоа наследство, благодарение на кое ние денес имаме наш светоглед, наша посебност и идентитет.